Летна испитна сесија во време на пандемија
Според однапред утврден протокол, одобрен од Комисијата за заразни болести и ресорните министерства, се одвива пријавувањето и полагањето на испитите во летната испитна сесија на УКИМ. Се вршат последните подготовки и на просториите во кои ќе се полагаат некои од предметите, за кои студентите се изјаснија дека бираат физичко присуство. На Филозофскиот факултет, јунската сесија е планирано да почне следната недела, на Машинскиот факултет студентите веќе полагаат онлајн...

Последни подготовки на најстариот универзитет во земјава за безбедно реализирање на јунската испитна сесија. Главната задача во време на пандемија е да се заштити здравјето и на студентите и на вработените. Најголем дел од полагањето ќе се реализира по електронски пат.
Иако на некои факултети беа во игра двете можности, и физичко и електронско полагање, сепак, новонастанатата состојба со пандемијата налага поголем дел од јунската сесија да се одвива преку компјутер.
Бидејќи становите им се откажани и не можат да престојуваат во студентските домови, најголем дел од студентите кои доаѓаат од внатрешноста избираат полагање по електронски пат.
Според протоколот, при полагањето на испитите со физичко присуство, секоја површина треба да биде темелно дезинфицирана, на влезот од установата да има средство за дезинфекција и едукативно информативни материјали. Во просторијата каде ќе се изведува испитот ќе бидат означени местата на кои е дозволено седење со почитување на меѓусебното растојание. Студентите задолжително ќе треба да носат маски.
Јасмина Никова
