КОВИД-19

Коронавируост затвори три државни институции во Штип, заразата се врати и меѓу медицинскиот персонал

08.06.2020 16:12

Подрачните единици на Фондовите за здравствено и за пензиско осигурување, како и подружницата на АД за стопанисување со станбен и деловен простор во Штип од денес се под клуч. Коронавирусот освен во текстилните компании, се прошири и во државните институции и повторно кај медицинскиот кадар во Штип...

Тројца позитивни на Ковид- 19 во Подрачната единица на Фондот за пензиско и еден во Фондот за здравствено осигурување има до денес во Штип. Вработените во Фонд за пензиско Штип имаат решение за карантин, а заради близината на канцелариите, во превентивна самоизолација од денес се и вработените во Фонд за здравство.

Во објектот каде работат подрачните единици, лоцирана е и канцеларијата на Санитарниот инспекторат. Денес и таа не работеше, заради вршење на темелна дезинфекција на објектот. До кога ќе останат затворени подрачните единици на фондовите во Штип, денес никој од надлежните не можеше да потврди. Апелираат, граѓаните да се стрпат и услуги од Фондовите да бараат преку електронска пошта. Од денес па до крајот на неделата вратите ги затвори и АД за стопанисување со стенбен и деловен простор- Работна единица Штип.

Коронавирусот се врати и кај медицинскиот кадар во болницата во Штип. До сега четворица вработени во Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип се во изолација заради контакт со медицинска сестра кај која е потврден вирусот. Епидемиолошките анкети продолжуваат, бројот на медицинари во изолација може и да порасне, информираат од болницата.

Славица Величковска