Липково: Намален бројот на заразени, утврдени 20 кластери

08.06.2020 16:20

Во липковскиот регион е евидентирано опаѓање на бројот на заболени од Ковид-19, откако беа утврдени дваесет кластери, сите фамилијарни. Кризниот штаб на оваа општина од североисточниот регион бара масовното тестирање да продолжи уште три дена. Изминатата недела во Липково беше евидентирано нагло зголемување на бројот на заразени. Во моментов се активни 60-ина случаи.

Опаѓа бројот на заболени од Ковид-19 во Липково. Изминатото деноноќие во  оваа општина од североисточниот регион нема регистирано заразено лице. Евидентиран е само еден смртен случај.  По наглото зголемување на заразени изминатата недела, бројката се искачи на 170, од кои 60 активни случаи.Полицискиот час викендов ги испразнил улиците, а мештаните за разлика од претходните недели се придржувале до насоките, објаснува градоначалникот на Липково, Еркан Арифи. Тој укажа дека кризниот штаб бара масовното тестирање да продолжи уште три дена, со цел да се спречи ширењето на вирусот во оваа општина.

„Во почеток имаше една заблуда кај граѓаните, откако се формираше еден заеднички штаб со Институтот за јавно здравје, како општински штаб и на тој начин со тие лица кои не сакаа да се тестираат, им објаснивме дека се работи за јавно здравје, за здравје на нивните деца и го решивме проблемот, со што на ниво на општина Липково се направени од 80 до 100 тестирања на ден“- вели градоначалникот Арифи.

Од Центарот за јавно здравје- Куманово укажуваат дека досега во Липково се утврдени 20 кластери, повеќето фамилијарни.

„Ние продолжуваме со активно пребарување на случаите и денеска имавме тестирања во Липково околу 30 тестирања, и се надеваме деновиве да завршиме со тоа, веќе ги имаме сите кластери мапирано, ги имаме нивните контакти и мислам дека со тоа треба полека и состојбата да ја нормализираме таму. Повеќето се кластери има во некое семејство и по 8-10 заболени од сите генерации и мислам дека луѓето во Липково веќе се посовесни, ги пријавуваат случаите што имаат симпоми“, вели Ариф Љатифи, директор Центар за јавно здравје Куманово.

Кризниот штаб на Куманово пак побара поради близината на општините, надлежните да изготват план со кој би се спречило пренесување на вирусот.

 

Елена Георгиевска