Ковид-19: Вториот бран е резултат на непочитувањето на мерките
Расте бројот на заразени со коронавирус. Со над 700 тестови се откриени 127 нови случаи. Повеќе од половината се од Скопје, над 30 од Штип. Министерот Филипче вели дека најголем број од нив се заразени на семејни прослави. Контактите се изолирани. На Инфективната клиника починаа тројца. Комисијата за заразни болести оцени дека од 26-ти мај имаме втор бран, како резултат на непочитувањето на мерките за заштита. Таа предложила, а Владата утре ќе одлучува за нови рестрикции во движењето…

Комисијата за заразни болести предложи нова рестрикција на движење. Владата ќе носи одлука. Објаснувањето за продолжението на мерките е поради зголемениот број регистрирани позитивни на Ковид- 19. Епидемиолозите со став - бројот е зголемен заради не почитување на мерките.
Во последните 24 часа се направени 702 тестирања, регистрирани се 127 нови случаи на Ковид-19. Во Скопје-67, Штип-33, Тетово-10, Охрид-6, Струга-5, Кочани и Пробиштип по двајца и Куманово и Дебар по еден. Уште тројца пациенти ја изгубија битката со коронавирусот. На Инфективната клиника почина 70- годишен пациент од Куманово и двајца од Скопје, на возраст од 62 години и 78 години. Институтот за јавно здравје регистрира седуммина оздравени.
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 12 пациенти, а вкупно хоспитализирани се 71. Во ГОБ „8 септември“ има 10 нови пациенти, а 42 се на болничко лекување.
Вкупниот број на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 3.152, оздравени се 1.653, а починати 156. Активни случаи во земјата има 1.343. Во земјата досега се направени над 37 илјади тестирања.
