Василевски тврди- целата операција на 27-ми април се координирала од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ
Целата операција на критичниот 27-ми април 2017, се координирала од партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Ова го тврдеше Александар Василевски- Нинџа како сведок на обвинителството во случајот со насилниот упад во Собранието. Кој со кого комуницирал? Василевски раскажуваше во детали одговарајќи на прашања на обвинителката. Во овој предмет беа опфатени 70-мина, обвинети 33-ца. Имаше и амнестирани...

Оперативно- координативниот штаб за насилствата на 27-ми април бил сместен на осмиот кат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, сведочеше осудениот Александар Василевски-Нинџа. Тој ден прво во 5:30 попладне Спиро Ристовски, а по 15 минути и Сашо Мијалков го повикале да оди во база. Накај 18:30 часот отишол во салата за состаноци. Таму биле Митко Чавков, Кирил Божиновски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и поранешната заменик-министерка за правда Билјана Бришковска. Според Нинџа тие зборувале на телефон и на ТВ го гледале преносот од пред Собрание.
Чавков разговарал со двајца началници и им рекол да дејствуваат пасивно. Миле Јанакиески разговарал со Крсто Муковски, а Спиро Ристовски со Богдан Илиевски-Бетмен. Билјана Бришковска, пак, како што рече, била на директна линија со Трајко Вељаноски. Разочарана од пратениците Милошоски, Змејковски, Димовски, Василевски, Арнаудов зошто не предизвикале инцидент и не ја завршиле работата, Бришковска му давала насоки на Трајко Вељаноски да се отворат вратите.
Владимир Атанасовски, им рекол на Јане Ченто и на другите кои биле во ресторанот „Дион“ да одат кон Собранието, нему да оди пред Собранието и да известува.
Горан Грујевски, началник на Петтата управа во УБК, и Никола Бошкоски од УБК, му кажале дека шефот на кабинет на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, Борис Јосифовски, бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и кажал дека ќе се прогласи воена состојба. Но, откако после 20 часот почнала да дејствува полицијата Грујевски му рекол дека странците притиснале и нема да има вонредна состојба.
Нинџа не е кредибилен сведок, изјави бранителот Миланов. Тој во својата прва изјава кажал дека не слушнал друг освен разговорот на Биљана Бришковска и Трајко Вељановски, а сега како да му се вратила меморијата како што му се враќала во „Ровер“ и други предмети, додаде Миланов. Нинџа се спогодувал за неговата казна по поднесување на обвинителен акт, а тоа се прави претходно.
Судот дозволи во судницата да бидат споредувани сите разлики од досегашните негови три искази- верзии за тоа што се случило. Нинџа го испрашуваа и адвокатите на обвинетите. Нинџа посочи дека настаните од 27-ми април ќе се случеле и пред тоа доколку ДИК одлучел во полза на опозицијата.
Фиљана Кока
