Политика

Нема поместување во ставовите за изборниот датум

10.06.2020 15:07

Власта и опозицијата закопани во своите ровови. Нема поместување во ставовите за изборниот датум. Лидерот на ДУИ, Ахмети пак во кампања за Албанец премиер. Еврокомесарот Вархеји најави телефонски разговори со Заев и Мицкоски за изборите...

Прашањето за рокот на изборите не е прашање на политички желби или предмет на консензус на политичките партии, туку тоа е уредено во уставот и законите, вели Радмила Шеќеринска, заменик претседател на СДСМ. Вели дека вонредната состојба не може да се продолжува во недоглед , зашто земјава не може да фукционира без парламент и треба да биде избрана Влада со целосен политички легитимитет.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на Заев и Филипче приоритет им се брзи избори. Власта ја губи битката со епидемијата, а граѓаните за жал поради неодговорност губат здравје и животи. Отаму посочуваат дека Македонија прво треба да ја победи епидемијата со корона, а потоа ќе ја победи на избори епидемијата од неспособност, сиромаштија, криминал и корупција.

Од ДУИ остануваат на ставот дека датумот на изборите треба да се одлучи со консензус меѓу политичките партии. Лидерот на ДУИ пак ја претстави својата предизборна идеја за Албанец-премиер на државата. Сега е време за целосна еднаквост, рече Ахмети.

Информциите говорат дека Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји телефонски ќе разговара со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Мицкоски за изборниот датум. Од крајот на минатиот месец, прекината е комуникацијата меѓу власта и опозицијата за предвремени парламентарни избори.

Игор Панов