Јунска испитна сесија по нови протоколи
Коронакризата го промени начинот на функционирање и на високообразовните установи. Физичката настава е во прекин од првата половина на март. Дел од факултетите се решија наставата да се одвива електронски. Така се реализираат и голем дел од полагањата во јунската сесија...

Јунска сесија на Економскиот факултет во Скопје. Поради пандемијата, испитите се одвиваат по електронски пат.
„Колеги, добредојдовте на денешниот испит, десет дена по последните предавања. Драго ми е што сте во добро здравје и подготвени да го продолжиме семестарот“, изјави професорот Љупчо Ефтимов, продекан за настава на Економскиот факултет во Скопје.
Студентите се поделени во групи од по петмина, кои на поставено прашање одговараат еден по друг. На платформата се приклучени повеќемина за да се обезбеди јавност во процесот, со што се гарантира фер и објективно оценување.
„Телефоните мора да бидат исклучени и да бидат обратно свртени. Пред да почнете ќе ве замолам да се легитимирате“, нагласи професорот Ефтимов.
По легитимирањето почнува испитот. Студентите одговараат на три прашања, а за да поминат им треба барем преодна оценка на сите три. Кристијан прв го скрши мразот.
За разлика од Кристијан кој полагаше на компјутер, Силвија одговараше на нејзиниот мобилен телефон.
Има протокол и што да се прави кога ќе се прекине интернет-врската.
„Ако се изгубите повеќе од пет секунди, тоа прашање се поништува и ќе ви биде доделено ново. Ако целосно се урне вашата интернет- врска ќе договориме нов термин со нови прашања“, вели професорот Ефтимов.
Економскиот факултет во моментов има над три илјади активни студенти. 85 проценти од предметите ќе се полагаат онлајн, за дел е неопходно физичко присуство, но под соодветни протоколи за заштита.
На Економскиот факултет во Скопје, од вкупно 123 предмети, 100 се полагаат електронски, а за 23 ќе биде неопходно физичко присуство на студентот. Ќе биде неопходно тие да носат заштитни маски и ракавици и да седат на соодветно растојание на повеќе од два метра, со одбележани столчиња, а просториите редовно ќе се дезинфицираат.
Образовниот процес на сите факултети беше прекинат во првата половина на март. За само една недела, наставата на Економски се префрли во виртуелниот простор, вели деканот.
„За само 7 дена се престроивме и од традиционална настава се префрливме на настава по електронски пат. Постојниот распоред го променивме, додавовме линкови на платофрмата и студентите наместо да доаѓаат на факултет, почнаа да влегуваат во електронските предавални. Ова е големо искуство за во иднина и ја разгледуваме можноста електронската настава да ја изведуваме како придружен елемент на класичната настава со што ќе ја зголемиме флексибилноста и доспаноста“, изјави професор Предраг Трпески, декан на Економскиот факултет во Скопје.
Деканот Трпески вели дека и во вакви услови, нивна должност е да испорачаат квалитетно знаење на студентите кое ќе биде вреднувано од пазарот на труд.
Мартин Пушевски
