125 нови случаи на коронавирус, 7 починати
Еден ден траеше двоцифрениот број заболени со коронавирус во јуни. Изминатото деноноќие повторно троцифрен - 125 нови случаи. И пак прв на листата е главниот град. Седуммина починале, шестмина оздравеле. На Инфективната клиника и во болницата „8-ми Септември“ хоспитализирани нови пациенти...

Повторно троцифрена бројка на активни случаи на Ковид- 19 регистрирани во последното деноноќие. Институтот за јавно здравје регистрираше 125 позитивни од направените 1.019 тестирања. Најголемиот број случаи се во Скопје- 89. Институтот за јавно здравје регистрирал и шест оздравени пациенти. Починати се седум лица, тројца од Скопје, двајца од Струга и по еден од Штип,Тетово.
Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.536 што е речиси половината од вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата која изнесува 3.364.
Според податоците на Министерството за здравство на Инфективната клиника хоспитализирани се вкупно 74 пациенти. Во „8-ми Септември“ примени се 15 нови. Во болницата во Битола се хоспитализирани 15 пациенти. 22 пациенти се хоспитализирни во болницата во Штип. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 35 позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Позитивен на Ковид- 19 е и советник во кабинетот на министерот за внатрешни работи. Од МВР информираат дека тој не се инфицирал додека извршувал работни задачи. Исмаили последен пат бил на работа на 2-ри јуни, а тестот го направил на 6-ти јуни кога е потврдено дека е позитивен. Последната средба министерот Наќе Чулев со неговиот советник ја имал на 24-ти мај. Оттаму додаваат дека се преземаат неопходните мерки за заштита на сите вработени.
Дијана Ценевска
