Во Охрид се уриваат, во Струга плажите работат

18.06.2020 16:53

Во Охрид се уриваат, во Струга плажите си работат. Одлуката на Владата очигледно не важи за сите. Струга не дозволува уривање на нелегалните објекти по плажите, одлуката ја обжалија на Уставен суд…

Додека во Охрид секојдневно се уриваат објекти на нова локација по плажите, во соседна Струга угостителите непречно си работат. Општина Струга, заедно со концесионерите останува на ставот дека нема да се уриваат нелегалните објекти, за што поднеле и жалба до Уставниот суд.

„Оваа постапка ќе се води до крај. Мислам дека е избрзана и би се изразиле како општина дека мора да се преиспита оваа одлука“, вели Дашмир Насуфи- шеф на кабинет на општина Струга.

Експертите по туризам апелираат- законот треба да се спроведува неселективно и да важи подеднакво за целото крајбрежје на Охридското Eзеро.

„Нема вистински или невистински момент кога е законот во прашање, но законот треба да биде неселективен и тој да важи за сите“, изјави Љупчо Јанески директор на Агенција за туризам.

Уривањето на плажите среде сезона со одлука на Владата предизвика голем револт кај концесионерите.

Додека во Охрид плажите се срамниуваат со земја, во Струга сликата поинаква. Угостителите си работат. Тие велат ќе ја чекаат одлуката на Уставниот суд.

Соња Рилковска