Со промоција на најатрактивните места ќе се привлекуваат домашни туристи

18.06.2020 17:33

Во рамките на кампањата „Дома си е дома“ денеска во Охрид, Струга, Вевчани и Галичица се снимаше петтиот промотивен спот од вкупно планираните десет. На македонските граѓани и туристите од регионот на тој начин ќе им бидат претставени повеќе атрактивни туристички дестинации кои што би требало да бидат мотив да ги посетат, со што ќе му се даде подршка на македонскиот туристички сектор...

Според Светската туристичка организација 2020-тата ќе биде една од најкатастрофалните години за туристичкиот сектор. Се очекува падот на туризмот да биде помеѓу 60 и 70 проценти, поради што успехот ќе се мери со што помал минус. Се што ќе биде помал минус од 35 до 40 проценти ќе биде успех за македонскиот туризам, вели директорот на Агенцијата за туризам, Љупчо Јаневски, кој смета дека кампањата „Дома си е дома“ ќе биде успешна. Тој е оптимист и вели дека во август во земјава ќе има и странски туристи.

„Очекувам дека е можно во месец август ако имаме добро релаксирање на состојбата и Македонија биде сејгти дестинација во туризмот, а за тоа треба сите да се грижиме со применување на сите мерки и протоколи дека сум оптимист дека во Охрид покрај домашните ќе имаме поголем број регионални туристи и ќе можеме да слушнеме во рестораните и чаршијата поголем број странски зборови“, изјави Љупчо Јаневски-директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Водичите за планински туризам очекуваат македонските авантуристи да ги откријат и убавините на својата земја.

„Генерално сме работеле со странци, клиенти од Македонија сме имале многу малку. Која е причината точно не знам, но се надевам дека во иднина тоа би се променило“, вели Мартин Пејоски- водич во планина.

„Мислам дека и покрај тоа што не се многу инволвирани во алтернативниот туризам, сепак е тренди или во мода планинскиот велосипедизам, планинарењето и мислам дека е време и ова да биде поттик за сите кои што не се вклучени во таквите спортови“, смета Јован Јованоски- водич на планина за велосипедисти.

Спотовите со кои што ќе бидат претставени 50 до 60 македонски атракции се изработуваат со финансиски средства на странски донатори, бидеќи 85 проценти од буџетот на Агенцијата за туризам, односно 58 милиони денари беа префрлени во Фондот за спас на туризмот.

Сашо Нелоски