Ковид-19: Над 40 големи кластери во државата, Скопје со најмногу заболени
Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 4.664, бројката на оздравени пациенти е 1.836, а на починати е 216. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.612. Досега се направени вкупно 47.793 тестирања на Ковид -19...

Расте бројката на новозаболени лица од Ковид-19 во земјава. Во текот на вчерашниот ден регистрирани се нови 182 случаи, од кои најмногу се во Скопје – 107. Со ова, вкупниот број на заболени во главниот град достигна 2.243 случаи, а активни се 1.507. Епидемиолошките анкети укажуваат и на 40 големи кластери на територија на целата држава.
Најголем број од активните случаи во Скопје се регистрирани повторно во општината Чаир – 336, потоа Гази Баба – 128, Аеродром – 125, Центар – 121, Бутел – 118, Сарај – 105, Карпош – 103.
Регистрираните 182 нови случаи со Ковид-19 по Скопје, се во Куманово со 14 заболени, Штип-4, Тетово-23, Струга-5, Битола-2, Охрид-6, Гостивар-4, Струмица-1, Кочани-1, Берово-1, Ресен-13, Неготино-1. Институтот за јавно здравје вчера регистрираше 33 оздравени пациенти од: Скопје-22, Дебар-1, Штип-1, Прилеп-1, Тетово-1, Велес-2, Битола-1, Кочани-2, Свети Николе-1, Кичево-1.
Починаа уште шест лица, двајца пациенти од Скопје, двајца од Куманово и двајца од Тетово.
Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 4.664, бројката на оздравени пациенти е 1.836, а на починати е 216. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.612. Досега се направени вкупно 47.793 тестирања на Ковид -19.
Епидемиолошките анкети укажуваат на бројни семејни кластери. Во периодот од 24 мај наваму, односно денот кога почна релаксирањето на мерките евидентно се зголемува бројот на позитивни пациенти. Во овој период регистрирани се повеќе од 40 големи кластери на територија на целата држава и неколку кластери на територијата на Град Скопје.
Големите кластери, како што истакна вчера директорката на Државен санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Иринка Сотирова Бухова, се „Мекици Охрид“, „Слава Ресен“, „Свадба Скопје“, „Ифтарски вечери“ и „Погреби“. На нив присуствувале од 50 до 150 луѓе.
Секојдневното зголемување на бројот на позитивни пациенти, според Сотирова Бухова, значи огледало на нашето однесување наназад најмалку 14 дена. Надлежните предупредуваат дека бројот на заразени со Ковид-19 ќе се зголемува и во наредните 10 до 15 дена поради проблемите со кои инспекторите наидуваат на терен, а тоа е недавање на точни лични податоци, непостоечка адреса, телефон или меил, неточно име, презиме згрешено со две или три букви.
