Партиите со заострена реторика пред почетокот на кампањата
Вонредната состојба завршува, партиите со последни подготовки пред почетокот на кампањата в среда. За Заев, за државата е здраво ДУИ по 17 години да замине во опозиција. Интегративците форсираат премиер Албанец, за ВМРО-ДПМНЕ ова барање е неприфатливо...

На два дена пред официјалниот старт на предизборната кампања се заострува реториката меѓу партиите од власта и опозицијата. СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за антидржавно дејствување и блокирање на стратегиските договори, додека пак, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Заев има непринципилен брак со поединци во судството и во обвинителството за заштита на криминалот во раководните структури на партијата.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев смета дека граѓаните на овие избори треба да направат избор меѓу иднина или враќање во минатото, државничко однесување или заробена држава. Најави кривични пријави против ВМРО-ДПМНЕ поради, како што рече, предвремено почнување на кампањата. Заев ја отфрла идејата за Албанец- премиер. Време е вели ДУИ заедно со ВМРО-ДПМНЕ да заминат во опозиција.
Од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувањата на Заев ги оквалификуваа како ставови на уплашен политичар. Од партијата се убедени во победа на изборите на 15-ти јули. Имаме програма со околу 1.000 проекти за функционални институции, за владеењето на правото, за пораст на инвестициите во здравството и образованието и намалување на даноците за помал товар на стопанството. И за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо барањето на ДУИ. Христијан Мицкоски за нив е единствениот кандидат за мандатар.
Од ДУИ, пак, велат дека со Охридскиот договор се создадени услови за функционирање на мултиетничкото општество. Бараат поддршка од сите етнички заедници за премиер Албанец кој еднакво ќе се залага за подобрување на животот на сите граѓани.
На предвремените парламентарни избори ќе учествуваат 15 партии и коалиции. Ветија фер и демократска кампања, со почитување на протоколите и мерките за заштита.
Игор Панов
