Филипче: Имаме доволно капацитети, но персоналот е преморен
Коронавирусот однесе уште девет животи. Починаа петмина скопјани, двајца жители на Тетово, по еден пациент од Охрид и Гостивар. Во земјава регистрирани уште 90 новозаразени и речиси 50 оздравени. Филипче предупредува – имаме доволно капацитети, но персоналот е преморен...

По две недели троцифрена бројка на новозаразени од коронавирус, во изминативе 24 часа се регистрирани помалку- вкупно 90. Најголем дел сѐ уште се од Скопје, но нивната бројка опаѓа, вели министерот за здравство Филипче. Сепак, нагорен тренд има во Охрид и во Струга. Починаа девет пациенти - петмина од Скопје, двајца од Тетово и по еден од Охрид и Гостивар. Оздравеле 48-мина. Филипче уверува дека системот има доволно капацитети, но признава дека персоналот е преморен.
Владата одлучи да се отворат казината, теретаните и фитнес центрите до крајот на неделава. Во наредните денови ќе се разгледува и отворањето на границите и под кои услови. За градинките се уште е рано, изјави Филипче. Оцени дека иако и во другите земји се зголемува бројот на новозаразени, сепак животот мора да се враќа во нормала со почитување на мерките за заштита. Апелираше и до партиите да се придружуваат до протоколите. Досега само 13 луѓе се ставени во државен карантин заради непочитување на мерките за самоизолација.
Бројот на заразени со коронавирусот во земјава од почетокот на пандемијата е 5.196, од кои оздравеле 1.974 , а 247 починале. Бројот на активни случаи во моментов е 2.975, од кои најмногу се во скопската општина Чаир, 394. При врвот на општини со најголем број на активни случаи се најдоа и скопските Гази Баба, Бутел, Аеродром, Центар и Сарај. Најголеми жаришта на заразата со Ковид-19 остануваат Скопје, Куманово, Тетово, Штип и Прилеп.
Ирина Гелевска
