Куманово: Се олабавуваат мерките во Домот за стари лица „Зафир Сајто“

23.06.2020 16:14

Се олабавуваат мерки во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово. Корисниците ќе можат да се сретнат со своите блиски, меѓутоа посетата ќе биде согласно правилата за превенција и заштита од Ковид-19. Оваа установа од март ги забрани посетите, а во април беше регистиран и еден позитивен случај на Ковид 19, кај корисничка. Вирусот се пренесе и на две негователки.

По повеќе од три и пол месеци корисниците на Домот за стари лица „Зафир Сајто“ од Куманово ќе можат да се сретнат со своите најблиски.  Посетата ќе се одвива под одредени правила, со цел превенција и заштита од Ковид-19.

За да се реализира посетата, лицата мораат да се најават кај социјалните работници или амбулантата во установата. Тие треба да носат заштитна маска и ракавици, да се придржуваат до потребното растојание од два метра. Не е дозволен директен контакт со корисниците на домот, а средбата ќе биде во дворот. Оваа установа од март ги забрани посетите, бидејќи старите лица се во групата најризични категории граѓани.

„Редовни приеми нема се уште да ги вршиме иако ние како Дом за стари лица и нашата комисија имаме определено внатрешни мерки, протоколи како би оделот тоа и знаеме како да се справиме со тоа, имаме и определено дел од домот кој би служел за самоизолација за евентуален нов прием на корисници, меѓутоа сепак ќе почекаме да видиме кои ќе се официјалните протоколи од инситуции“ -посочи директорот на Домот за стари лица Зафир Сајто во Куманово, Дејан Стојановски.

Во Домот за стари лица во Куманово во април беше регистиран и еден позитивен случај на Ковид 19, кај корисничка, по што вирусот се пренесе и на две негователки.

„Успеавме до овој момент да ја надминеме целата ситуација и јас се надевам дека и овој втор бран заеднички со доследно почитување на мерките и препораките, дека ќе успееме и овој втор бран да го надминеме“ - дополни директорот.

Установата располага со доволни количини  заштитна опрема за персоналот и корисниците. Инаку во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово се сместени 146 лица од повеќето градови од државата. 

 

Елена Георгиевска