Расте бројот на заразени со Ковид-19 во Охрид
Охриѓани во првите два месеци од почетокот на здравствената криза се вбројуваа помеѓу најдисциплинираните граѓани во земјава бидеќи имаше помалку од дваесет лица заразени од коронавирусот. Меѓутоа по олабавувањето на мерките, а особено во последните две недели нагло започна да се зголемува бројот на заразените и до вчера достигна троцифрена бројка. Лекарите велат дека тоа е поради недисциплината, а помалку поради посетителите кои доаѓаат на охридското крајбрежје...

Непочитувањето на мерките и препораките за заштита од корона вирусот се главните причини за драстично зголемениот број на заразени во Охрид, а не како што се шират гласини дека тоа е последица од доаѓањето на туристи од другите градови од земјата. Тоа е мислењето на дел од стручните лица во охридскиот Центар за јавно здравје, кои посочуваат дека има случаи кога заразени лица и членови на нивните семејства не ја почитуваат целосно мерката за изолацијата.
„Немаме нови кластери, се работи со истите кластери, само пак ќе истакнам тоа е зголемениот број на тестирања во последните две недели. Заболените се сите од Охрид и тие се меѓусебно инфицирани, не се инфицирани од контакти со посетители од други градови“, вели д-р Јованка Коровешовска, Центар за јавно здравје – Охрид.
Според Коровешовска доколку се почитуваат мерките нема опасност за гостите кои ќе доаѓаат во хотелските капацитети. Хотелиерите пак иако ги отворија вратите на своите објекти не очекуваат поголем број туристи до средината на јули.
„Засега можеме да кажеме дека има интерес само од домашни туристи, посебно со ваучерите кои се подршка од владата, кои што можат да се користат во нашите хотелски капацитети. Тој интерес започнува некаде од 15 јули. Доколку се среди здравствената криза очекувам дека повторно нашите партнери од странство да се обратат до нашите хотелски капацитети некаде од средината на август или септември да започне рентабилно функционирање на нашиот регион“, изјави Љупчо Цветаноски- хотелиер.
Сите прогнози говорат дека оваа година ќе биде најтешка за хотелско-угостителскиот сектор. Иако стартот на сезоната е катастофален хотелиерите се надеваат дека до крајот на годината ќе заработат доволно барем за да ги покријат основните трошоци.
Сашо Нелоски
