Пендаровски: Кампањата да биде безбедна, изборите фер слободни и демократски
Изборите мора да бидат спроведени според високи стандарди и критериуми, имајќи ја предвид и нашата евро-атлантска перспектива, нагласува во писмената изјава претседателот Пендаровски...

За првпат од независноста на земјата имаме избори како земја- членка на НАТО и во очекување да ги почнеме претпристапните преговори со Eвропската унија.
Изборите мора да бидат спроведени според високи стандарди и критериуми, имајќи ја предвид и нашата евро-атлантска перспектива, нагласува во писмената изјава претседателот Пендаровски.
Драги сограѓани, постапувајте според протоколите за безбедност и заштита при одвивањето на севкупниот процес на избори. При гласањето бидете заштитени, почитувајќи ги мерките, протоколите и држете пропишано растојание, нагласува шефот на државата.
До сите учесници во изборниот процес апелира да придонесат овие избори да бидат фер, слободни и демократски. Очекува сите политички партии да организираат безбедна и достоинствена кампања.
Слободата на изразување е клучна за да имаме кредибилен изборен процес и граѓаните да добијат релевантни, навремени и вистинити информации, со цел самостојно да донесат одлука кому ќе го дадат својот глас, вели претседателот, потенцирајќи ја и значајната улога и на медиумите.
Пендаровски апелира до граѓаните да бидат внимателни и редовно да ги проверуваат информациите кои се пласираат на социјалните медиуми од непознати извори.
Претседателот Пендаровски ги повикува граѓаните да излезат и да гласаат по свое лично убедување, без страв и без притисоци, и сами да одлучат на која политичка опција и за каква политика ќе ја дадат довербата.
