Политика

Почна предизборната кампања

24.06.2020 12:54

Почнува предизборната кампања. Ќе трае до 12 јули на полноќ. Првпат, поради коронакризата, ќе се гласа три дена, со посебни протоколи и мерки на заштита. Нема да има големи митинзи. Во преден план ќе бидат онлајн и дигиталните алатки. Претседателот Пендаровски со апел за фер и кредибилен изборен процес. Организација и спроведување на избори, како што и доликува на земја- членка на НАТО и на европските вредности, порака од премиерот Спасовски...

Почна предизборната кампања за изборите што ќе се одржат на 15-ти јули. Поради пандемијата, ќе се гласа три дена под посебни протоколи и мерки за заштита. Во трка се 15 политички партии и коалиции. Нема организирање големи собири и митинзи, главно ќе се претставуваат преку медиумите, он-лајн и преку дигиталните алатки.

Премиерот Спасовски, очекува фер и демократска атмосфера и професионална соработка меѓу Владата, ДИК, набљудувачите, Собранието и Државната комисија за спречувње корупција.

Премиерот ги повика граѓаните да излезат и да гласаат без да се плашат дека ќе се заразат со коронавирусот. Посочи дека непочитувањето на мерките за заштита од коронавирусот за време на кампањата ќе биде казнето како што вели, прво од граѓаните, а злоупотребата на државен ресурс за партиски цели ќе биде најстрого санкционирано.

Изборите мора да бидат спроведени според високи стандарди и критериуми, имајќи ја предвид и нашата евро-атлантска перспектива, вели претседателот Пендаровски.

Во обраќањето до граѓаните нагласува- секој да постапува според протоколите за безбедност и заштита при чинот на гласањето. Шефот на државата со апел и до сите учесници во изборниот процес да придонесат овие избори да бидат фер, слободни и демократски.

Очекува политичките партии да организираат безбедна и достоинствена кампања. претседателот пендаровски ги повикува граѓаните да излезат и да гласаат по свое лично убедување, без страв и без притисоци, и сами да одлучат на која политичка опција и за каква политика ќе ја дадат довербата.

Елизабета Кузмановска