Обезбедени 31 единица конвалесцентна плазма за третман на пациенти со Ковид-19

24.06.2020 11:49

Министерството за здравство, следејќи ги најновите достигнувања на третман на пациенти со Ковид-19, даде согласност да се воведе протоколот за дарување на конвалесцентна плазма и секојдневно ја поддржува кампањата за дарување...

Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека се обезбедени 31 единица конвалесцентна плазма за третман на 31 пациент со Ковид-19. Од нив, 16 се преку постапка плазмафереза и 15 единици со стандардно дарување на крв.

Министерството за здравство, следејќи ги најновите достигнувања на третман на пациенти со Ковид-19, даде согласност да се воведе протоколот за дарување на конвалесцентна плазма и секојдневно ја поддржува кампањата за дарување.

Дарител може да биде секое лице излечено од коронавирус, кое ги исполнува условите за дарување плазма наведени во протоколот. Лицето треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен трет тест за да се потврди дека нема присуство на вирус.