Штип

Познат сторителот на еколошката хаварија на река Брегалница

24.06.2020 15:41

Позната е компанијата од каде истече боја која вчера вечер ја побеле Брегалница во течението низ Штип. Составот на материјата се испитува, помор на рибите не е забележан, а нема нарушување ниту на квалитетот на водата за пиење во Штип. Граѓаните бараат санкционирање на причинителот на последната еко хаварија на Брегалница...

Дефект во преносниот систем на цистерна која врши дотур на хемикалија за потребите на компанијата Техникал Текстајл во ТИР зоната во Штип е причина за еколошката хаварија на река Брегалница  – информираат од штиската локална самоуправа. Густа бела течност во за сега неутврдени количини се излила во кругот на фабриката и преку атмосферската канализација се слеала во реката и тоа близу бунарите од каде Штип се снабдува со вода за пиење.

Но, според анализите, водата во градскиот водоводен систем не е загадена – велат од Јавното комунално претпријатие. Земените мостри од белата течност се испитуваат, но од Техникал Текстајл неофицијално информираат дека истата не предизвикува помор на живиот свет во реката.

Денес рибарите не забележале помор на рибите, но конечните ефекти од побелувањето на Брегалница ќе бидат познати откако ќе се испитаат мострите. Штипјани се згрозени од последниот од многуте загадувања на Брегалница – велат дека само строги казни ќе стават крај на еко катастрофите.

Освен штипските производни капацитети, голема закана по еко- балансот на Брегалница е и немањето пречистителна станица за отпадни води во Штип.

Славица Величковска