Анализите ќе покажат колкава ќе биде казната за хаваријата во Брегалница
Транспортна компанија од Србија и текстилна од Штип се причинителите на еколошката хаварија на Брегалница. Казната за вакво дело е од три до сто илјади евра. Овој инцидент е опомена дека е потребно вмрежување на државните и локалните еколошки инспектори...
Висината на казната за фирмата, која е виновна за излевање на материја во реката Брегалница пред два дена кога од густа течност побеле ќе зависи од резултатите на анализите од мострите, кои се прават во лабарторија во Скопје, најави денеска заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули. Тој заедно со градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски беше на терен по течението на реката Брегалница.
Позитивна вест,како што кажа, е што материјата која ја побеле Брегалница не е штетна за животинскиот и растителниот свет. Макрадули истакна дека хаваријата во реката Брегалница, како и во Велес покажуваат дека под итно е потребно вмрежување на локалните и државните инспектори, со цел поголема ефикасност на теренот.
Инспекторатот донел една мандатна казна, која е првична, а кога ќе се добија анализите ќе се донесе и конечната одлука за казната, која се движи од 3.000 до 100.000 евра.
Загадувачот плаќа без разлика што било не намерно, сепак мора да се плати штетата што е направена на биодиверзитетот. Мене ме радува што првичните информации се дека нема помор на риби и оти материјата не е токсична, рече Макрадули.
