Струга развива глампинг туризам- нов тренд во кампувањето

29.06.2020 11:39

Струга развива глампинг туризам, современ гламурозен кампинг за туристите на брегот на Охридското езеро. Извидничкиот камп во сосема ново руво. Изградени се првите куќички на дрво за авантуристичко кампување...

Изградени првите кампинг куќички на дрво на струшкото крајбрежје. Седум мали куќички , уредени за авантуристичко кампување, деновиве се отворени за првите гости во Извидничкиот камп во Струга.

Со овој проект се збогатува туристичката понуда на брегот на Охридското езеро и се создаваат услови за современо и луксузно кампување.

„Проектот со кој се реализираше реконструкцијата на паркот и изградбата на куќичките е од проектот за Регионална и локална конкурентност. Со средства кои ги добивме како грант и со многу волонтерска работа успевме да го направиме ова“, вели Никола Кукунеш од Извидничкиот камп Струга.

Најголем интерес за кампување има кај странските гости, но поради пандемијата со корона вирусот, неизвесно е дали ова лето ќе има туристи. Кампот е сепак подготвен според сите протоколи .

„Со оглед на сериозноста на протоколите кои што се однесуваат за ресторанското работење, нема да бидеме во можност да им ја дадеме на гостите таа услуга, меѓутоа подготвуваме еден отворен дел каде што самите гости ќе може да го приготват своето јадење и безбедно да ја складираат својата храна“, додава Кукунеш.

На гостите им се нуди активен туризам: изнајмување на велосипеди, планинарење, нуркање, веслање по Црн Дрим со чамци и кајаци, параглајдинг, курсеви за подоготвка на локална храна и едрење по Охридското езеро.

Ова се првите дрвени куќички на брегот на Охридското езеро, подготвени за туристите ова лето. Струга го развива новиот тренд „глампинг туризам“ , што значи гламурозен кампинг. Покрај куќичките се нудат современо уредени шатори и простор за странските трејлер приколки.

 

Соња Рилковска