Зибери: Задолжителен албански јазик во основно и консензуална химна

29.06.2020 16:50

Консензуална химна и задолжителен албански во основното образование, се некои од првите задачи на Насер Зибери, ако стане премиер. Во рамките на кампањата пред Владата, тој симулираше...

Нова химна која ќе се прифати со консензус и ќе ја отсликува мултиетничката и мултикултурна реалност во земјава вети насер зибери, кандидатот на ДУИ за премиер. Во првите 100 дена од владата најави дека ќе воведе задолжителни часови по албански јазик од 5-то одделение, а големите економски одлуки да не можат да се донесат без подршка од мнозинството албански министри во владата. Зибери на симулирана конститутивна седница на неговата влада порача дека ако сакаме подобар живот за сите мора да се менува начинот на тоа како се практикува политиката, а сите што и мислат добро на земјата да ја подржат идејата за Албанец премиер.

Зибери се залага за флексибилно работно време и можност за скратување на половина во петок. Со цел, како што вели, повеќе време за семејниот живот и подобро ментално здравје. Од Илинденска, кандидатот за премиер вети 600 евра плата за средно медицинскиот кадар, за учителите и наставниците. Ќе забрани казината да се на помалку од еден километар од училиштата, градинките црквите и џамиите.

Во програмата за првите 100 дена од владата на Зибери се предвидува и 50 % субвенционирање во период од три години за секое ново вработување што ќе го подобри правичното застапување на етничките заедници во приватните фирми.

 

Миле Ристески