Алијанса и Алтернатива: Казина само во елитни хотели
Казина само во елитни хотели. Коалицијата Алијасна за Албанците и Аалтернатива, денешните предизборни активности ги насочи на промоција на овој дел од програмата...

Форумот на млади на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива со став – казината да бидат дозволени само во состав на хотели со пет ѕвезди. На денешната прес конференција пред едно скопско казино, тие истакнаа дека ова е и една од точките во нивната програма која што ќе ја реализираат доколку дојдат на власт. Велат, тоа што казината ќе бидат сместени во хотелите ќе значи дека нема да бидат достапни за сите. Ова, според коалицијата, што ќе помогне во искоренувањето на оваа како што рекоа, девијантна појава.
„Како што вклучивме во програмата, ветуваме дека со нас во владеење, казината ќе бидат дозволени само во хотели со 5 ѕвезди, бидејќи таквите хотели како прво гарантираат дека игрите на среќа нема да бидат блиску населените места и второ, тие нема да бидат достапни за сите и ова ќе го запре овој девијантен феномен. Доста е веќе играјќи си со судбината на луѓето. Затоа, сега е време за промена“, изјави Лиридона Емими , Алијанса за Албанците.
Од Форумот на млади на двете коалициски партии упатија обвинувања до албанската партија на власт дека 18 години лажела дека ќе ги отстраната казината на најмалку еден километар оддалеченост од населените места. Велат – наместо тоа, тие ја наполнија нашата земја со казина од сите страни.
„Деновиве слушаме лаги на албанската партија која е на власт 18 години, наводно тие ќе ги отстранат казината на еден километар оддалеченост од албанските населби. Сепак, да не заборавиме дека таа е истата албанска партија ја наполни нашата земја со казина од сите страни. Денеска, еден граѓанин на Северна Македонија троши во просек 200 евра годишно на коцкање, а оваа сума за жал продолжува да расте“, рече Лиридон Бафтиу –Алтернатива.
И лидерот на Алијанса за Албанците, Зиадин Села вчера на средба со жителите на село Пирок истакна дека нивниот став во врска со игрите на среќа е кажан јасно во повеќе наврати и дека истиот е вклучен во нивната коалициска програма насловена држава за сите. Тој вели дека ако бидат дел од следната влада, ќе го променат Законот за игри за среќа слично како моделот на Албанија и Косово. Тековната состојба со казината е план што го надополнува мозаикот дека еден ден ни се раскажува за приказни за заедничко општество за сите, но државата се резервира само за нив, порача Села додавајќи – немаме време да губиме.
Марија Котовска
