Парламентарни избори

ЕП повика на фер и демократски изборен процес

30.06.2020 12:44

Европскиот Парламент повика на фер и демократски изборен процес согласно меѓународните стандарди за избори, што ќе биде клучен тест за демократијата во земјава. Преку соопштение европарламентарците одговорни за односи со нашата земја, ги повикуваат сите партии да водат фер демократска изборна кампања без дезинформации и заплашување. Нагласуваат дека по изборите потребно е да продолжи меѓупартискиот дијалог и потребните реформи за приближување кон ЕУ...

„Ги повикуваме сите политички сили да бидат одговорни и да ги следат обврските согласно кодексот за фер и демократски избори, со што ќе ѝ се овозможи на земјата успешно да го помине клучниот демократски тест“, велат европратениците задолжени за односите со нашата држава. Очекуваат властите да обезбедат фер и непречен изборен процес, во согласност со меѓународните обврски и стандарди со соодветни мерки за заштита на здравјето.

Политичките партии, релевантните државни тела, вклучително и изборната администрација, граѓанското општество и медиумите, имаат заедничка должност да обезбедат транспарентна, веродостојна и објективна изборна кампања, ослободена од дезинформација и заплашување“, пишува известувачот за земјава, Илхан Ќучук.

Европарламентарците оценуваат дека историските договори со Бугарија и Грција се во центарот на европската иднина на Северна Македонија. Потенцираат дека продолжувањето на меѓупартискиот дијалог по изборите е од најголема важност за најновата земја-членка на НАТО, на која ѝ е потребна политичка сигурност за да напредува во процесот на демократска консолидација и трансформација.

По изборите, ќе бидат потребни целосно функционални институции одговорни да ја водат земјата кон закрепнување по пандемијата, да ги продолжат реформите и да ги испорачаат европските аспирации на граѓаните на Северна Македонија“, велат од Европскиот парламент.

Оттаму и повик до земјите-членки што е можно побрзо да ја усвојат преговарачката рамка.

 

Ирина Гелевска