Пандемија

Петнаесет починати пациенти од Ковид-19, најмногу во едно деноноќие

02.07.2020 17:09

Коронавирусот победи 15 пациенти за едно деноноќие. Наголем број на починати до сега. 173 се новозаболени. Во Скопје најмногу. 150 не се повеќе на листата на болни...

Рекорден број починати од почетокот на пандемијата. 15 пациенти на возраст од 45 до 75 години во изминатово деноноќие ја загубија битката со коронавирусот – стои во последниот билтен на Министерството за здравство. Осум се од Скопје, по двајца пациенти од Тетово, Струга и Гостивар и еден од Охрид.

Од направени 1.653 тестирања, регистрирани се 173 новозаразени, од нив 75 се од главниот град. На инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 6 пациенти.  Во болницата во Козле се хоспитализирани 26 возрасни и 6 деца позитивни на Ковид-19. Во ГОБ „8 Септември“ се примени 7 нови, вкупно се хоспитализирани 123 пациенти. На респираторна машина се осуммина. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 150 оздравени. Зголемување на бројот на новозаразени има и во регионот.

Утре Комисијата за заразни болести на состанок ќе разговара за евентуално повторно воведување режим со границите на Србија и Косово или затворање на граничните премини со овие земји. Според нив можното враќање на мерките е во насока на превенција од потенцијални ризици по здравјето на населението во Северна Македонија.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 6.625, бројката на оздравени пациенти е 2.748, на починати е 321, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.556.

Сунчица Николоска