Денеска одлука за можен режим на границите со Србија и Косово

03.07.2020 10:22

„Комисијата активно ја следи епидемиолошката состојба со коронавирусот во регионот и соседните земји и можното враќање на мерките е во насока на превенција од потенцијални ризици по здравјето на населението во нашата земја“, велат од Министерството за здравство...

Комисијата за заразни болести денеска ќе разговара за евентуално повторно воведување режим на границите со Србија и Косово или затворање на граничните премини со овие земји, имајќи го предвид развојот на ситуацијата со коронавирусот во соседството.

„Комисијата активно ја следи епидемиолошката состојба со коронавирусот во регионот и соседните земји и можното враќање на мерките е во насока на превенција од потенцијални ризици по здравјето на населението во нашата земја“, велат од Министерството за здравство.

Бројката на новодијагностицирани расте бројката секаде во регионот.

Според последните податоци, во Србија изминатото деноноќие се регистрирани 359 нови случаи на коронавирус, а шест лица починале. Ситуацијата во Белград е најпроблематична затоа што 82,5 проценти од сите заразени се регистрирани во главниот град на Србија.

Во земјава пак, и понатаму е висок бројот на новозаразени со Ковид-19. Вчера беа регистрирани нови 173 случаи од 1.650 тестирања, од кои најголем дел 75 се од Скопје. Починаа и досега најголем број пациенти – 15. Регистрирани се и 150 оздравени пациенти, и од нив најголем дел – 105 од Скопје.

Надлежните и здравствените работници постојано апелираат граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита, да носат покривка на устата и носот, да држат растојание и често да мијат раце. Тоа, велат, е основна заштита од зголемено ширење на вирусот.