Заштита на добитокот од високи температури
Од високите температури и топлотните удари треба да се заштитува и добитокот. Сточарите треба да обезбедат доволно храна, свежа вода и ладовина за животните, порачуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Изнесувањето или напасувањето на стадата треба да биде во утринските или вечерните часови кога температурите се пониски...
Високите температури се потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку навреме не се преземат мерки за обезбедување на доволни количества на храна и на вода за пиење.
Порастот на температурите над 30 степени за секое животно претставува голем стрес кој може да се манифестира со помала исхрана, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб развој.
Висок процент на влага и недоволната вентилација во шталите може да биде причина за појава на топлотен удар, а сончаницата се појавува како последица на непосредно и директно изложување на сонце. Во двата случаи исходот може да биде фатален доколку навреме не се реагира а телесната температура да се намалува постепено со прскање со умерено ладна вода, или со покривање на животното со влажни крпаи.
Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата.
Во вакви временски услови животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество на воздух и на свежа вода.
Методија Трајков
