Мицкоски: Време е Македонија да ја водат европски политичари кои ќе работат заедно со народот

06.07.2020 13:27

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски синоќа од Прилеп порача дека граѓаните на 15 јули избираат меѓу потрошени политичари и луѓе кои имаат план и визија, кои имаат мотив да се справат со предизвиците. Според него, време е Македонија да ја водат европски политичари кои ќе работат заедно со народот...

На 15-ти јули треба да избереме во каква Македонија сакаме да живееме, рече претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на собирот пред прилепчани. Потребни се промена на реалноста и обединување на народот, без разлика дали или не е партиски определен. За Мицкоски реалноста е тешка, особено, како што рече, што за шест месеци власта создаде буџетски дефицит од преку 26 милијарди денари и секое семејство го задолжи со 850 евра. За да се сменат работите, ВМРО-ДПМНЕ создаде читанка, Проект Обнова со преку 1.000 проекти за сите сфери, рече Мицкоски.

Мицкоски е за ветинг, но прво да се почне од политичарите и се понуди себе си. Тој што нема да го поддржи законот, вели, има нечисти раце и совест.

Носителот на листата во изборната единица 4, Александар Николоски најави изградба на патот Градско-Прилеп нови работни места, реформи во образованието, дигитализација, зголемување на просечните пензии за 20 проценти, укинување на партиципацијата за студентите. Николоски побара масовно да се излезе на гласање.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“  побараа поддршка од прилепчани на 15 јули.

Елизабета Митреска