Зибери: Граѓаните решаваат кој ќе биде во Влада, а не Заев и Мицкоски

06.07.2020 16:45

ДУИ и кандидатот за премиер Насер Зибери со автобус ќе ги посетуваат граѓаните во завршниот дел од кампањата за изборите на 15 јули. Зибери уште еднаш порача дека граѓаните решаваат кој ќе биде во Влада, а не Заев и Мицкоски, додавајќи дека ДУИ, не водела и нема да води црна кампања...

„Се заложив дека еден од приоритетите е да се справиме успешно со пандемијата, ветив мерки за зајакнување на капацитетите и повисоки плати во здравствениот сектор“, рече на прес- конференција пред Владата кандидатот за премиер од ДУИ, Насер Зибери. Посочи дека ќе се залага веднаш од буџетот да се вратат сите долгови кон приватниот сектор, да се помогне туризмот, угостителството, да се израмни данокот на додадена вредност. Како што рече, за него врвен приоритет е рамноправноста на граѓаните. Дециден е дека волјата на граѓаните ја дефинира структурата на владата во повеќепартискиот систем.

„Не можам да ги разберам Заев и Мицкоски и другите лидери на партии зошто не може да ја поддржат идејата за премиер Албанец. Тоа ќе ја зголеми довербата меѓу заедницата – порача лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети од Дебар. Уверува дека премиерот Албанец ќе работи за сите етнички заедници во земјава и за нејзиниот напредок.

„Дваесет години инвестиравме многу за младите, со кои се гордееме. Многу сум горд на нив. Како што придонесовме за влез во НАТО, така сме целосно ангажирани и за членство на земјата во ЕУ. Ние сме подготвени, имаме способен и умен кадар, за да се справиме со секоја ситуација. Не чека уште многу работа за да станеме дел од европското семејство. Нашата партија не се занимава со навреди кон другите. Потребно ни е заедништво за остварување на европскиот сон и развој на државата што ќе обезбеди подобри услови за сите, посебно за младите да останата тука“, рече Ахмети.

ДУИ и кандидатот за прв премиер Албанец, Насер Зибери во завршниот дел од кампањата за изборите на 15 јули, со автобус ќе ги посетуваат граѓаните.

Наташа Гркова- Петрушевска