Села: Мандат за Албанците да станат слободни и достоинствени

06.07.2020 16:51

Алијанса за Албанците и Алтернатива побараа глас за коалицијата во гостиварско, за како што велат, слобода и достоинство за оваа етничка заедница. Ветија дека ако победат на изборите ниту еден Албанец нема да биде загрозен поради партиската припадност.

Не за да се затемни животот на Албанците, туку мандат за Албанците да станат слободни и достоинствени побараа од Коалицијата „Сега е време“ на Алијансата за Албанците и Алтернатива. Претседателот на Алијансата за Албанците, и носителот на шестата изборна единица Зијадин Села од Форино, гостиварско ја презентира изборната програма, фокусирајќи се на ограничување на коцкањето. Порача дека во првите сто дена по доаѓањето на власт ќе донесат Закон со кој сите казина ќе бидат само во хотелите со пет ѕвезди. Села посочи дека ако коалицијата победи на изборите, ниту еден Албанец нема да биде загрозен заради неговата партиска припадност. Села исто така истакна дека идејата на ДУИ за албански премиер е обид за камуфлажа на дискриминација на Албанците.

„Не можам да разберам, како сега тие можат да побараат Албанец да биде премиер?“ Тие се на власт 18 години и ја добија поддршката и гласовите на Албанците. Како до сега не ја остварија оваа идеја и што навистина бараат сега. Доаѓа времето на промена, по 15 јули, Али Ахмети ќе биде слободен, затоа што досега некогаш беше заробен од страна на ВМРО, а некогаш и од СДСМ. Албанците треба да гласаат за албанските кандидати, а не за списоците што се дел од, каков било договор за коалиција што и служи на другата страна“, изјави Села.

Коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива ветија дека ќе бидат вистинскиот глас на Албанците во парламентот, создавајќи над 25.000 слободни работни места, еднаков развој на албанските и македонските региони и задржување на младите во татковината.

Во изборната единица 3 носителот на оваа единица Беким Тетеши оствари средба со жителите на село Јаболчиште. Посочи дека 15 јули ќе биде денот кога граѓаните ќе одлучат за иднината на земјата. Порача дека насмевката повторно ќе биде вратена.

Од пред Државната изборна комисија шефот на изборниот штаб на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари порача дека соочувањето на лидерите на партиите на дебата е демократски и европски. Тоа го прават македонските партии, но не е случај и кај албанскиот блок.

Според Таравари, Државната изборна комисија се однесува неодговорно бидејќи и покрај барањето за членови во општинските изборни комисии сè уште без одговор оттаму. Таравари смета дека ова е на штета на албанската опозиција.

Дијана Ценевска