Филипче: Здравствениот систем мора да се подготвува за новиот бран на есен
По повеќе од 10-на дена, бројот на новозаразени со Ковид-19 под сто. Во последните 24 часа од 894 тестирања, регистрирани 78 нови случаи. Починаа петмина. Институтот за јавно здравје регистрира 172-ца оздравени. Здравствениот систем мора да се подготвува за новиот бран, предупредува министерот Филипче.

Во последното деноноќие во нашата држава се починати пет лица по компликации од коронавирусот. Тројца пациенти се од Скопје, еден од Куманово и еден пациент е од Струга. Во изминатите 24 часа се направени 894 тестирања, при што, регистрирани се 78 новозаболени случаи на Ковид-19.
Најмногу заболени има во Скопје-26, во Штип-17, во Тетово новозаразени се девет, во Гостивар и во Свети Николе по пет новозаразени. Денеска Институтот за јавно здравје бележи 172 оздравени лица.
Министерот Филипче истакна дека во последните две недели има помалку нови и смртни случаи, а факторот на преносливост во последните два три дена е 1,1, додека во останатиот период е 0,9.
Во земјава, како што кажа, најголеми жаришта се Скопје и Тетово, и нешто помалку Гостивар. Министерот за здравство на есен очекува поголем замав на коронавирусот во земјава, за што, се вршат консултации и координации со раководителите на медицинските центри во земјава за подготовки на медицинските капацитети за есенскиот период,
Јавниот обвинител во поранешното СЈО, Гаврил Бубевски е позитивен на Ковид-19, а неговата колешка Фатиме Фетаи е во двонеделна самоизолација. Инаку, од вкупно 68.059 тестирања, дијагностицирани во нашата држава се 7.124 лица, оздравени се 3.199, а починати 346. Активни на коронавирусот се 3.579 лица.
Елизабета Кузмановска
