Жештините нагло ја созреаа пченицата
Високите „изгор“ претпладневни температури минатата недела предизвикаа предвремено зреење на пченицата, а попладневните дождови не им дозволија на комбајните да влезат во нивите. Топлото и истовремено многу влажно време се заканува и со појава на штетници. Стабилизирање се најавува за деновиве што ќе овозможи нормален тек на работите на отворено кои се повеќе се интензивираат.

Наглото затоплување на времето во изминатата седмица со температури над 37, а на одредени места и до 40 степени предизвика предвремено и нагло зреење на пченицата во Пелагонија, што ќе донесе намален принос и послаб квалитет на зрното заради брзата дехидрација.
Високите претпладневни температури и големата влага во воздухот како резултат на попладневните дождови, во одредени региони создадоа и можност за појава на болести и развој на штетници што треба да ги алармира земјоделците за превземање мерки за заштитата.
Прогнозите се дека променливото и нестабилно време продолжува и во првата половина од оваа недела и ќе им предизвика прекини во работата на земјоделците додека трае жетвата, но од друга страна дождот е добредојден за пролетните и за градинарските култури.
Деновиве треба да дојде до постепено стабилизирање на времето што ќе овозможи по нормален тек на работите на отворено кои во овој период се интензивираат.
Методија Трајков
