Идниот собраниски состав поскоро да се наврати на Законот за заштита од дискриминација
Агенцијата на ЕУ за фундаментални права го објави првиот извештај за состојбите со темелните права во земјава. Во него има позитивни и негативни оценки за области што ќе бидат предмет на преговори по отворањето на првата група поглавја. Европската агенција го подготви извештајот врз основа и на наодите на домашниот Институт за европска политика, чиј директор Симонида Кацарска оценува дека земјава воглавно има закони усогласени со европското законодавство , но потребно е да се работи на нивно спроведување...

Во првиот извештај на Европската агенција за фундаментални права за земјава, позитивно се оценети недискриминацијата, спречување на говорот на омраза и статусот на Ромите, а негативни оценки има за детската сиромаштија и насилството врз жените.
Фундаменталните и човековите права ќе бидат дел за кој ќе се преговара по отворањето на првата група поглавја. По укинувањето на Законот против дискриминација од Уставниот суд, ЕУ ќе очекува донесување нов закон од новиот состав на Собранието.
Народниот Правобранител очекува формирање на Комисија за спречување на дискриминацијата, што ќе ја подобри состојбата со фундаменталните права во земјава.
Во извештајот Агенцијата на ЕУ за фундаментални права се осврна на клучните предизвици во оваа област, пред и во текот на пристапните преговори.
Ирина Гелевска
