Охрид ги исполнува обврските за да се сочува статусот во УНЕСКО
Одлучивме да ги реализираме обврските кои ги презедовме, за градот и езерото да останат на списокот на УНЕСКО. Тоа значи целосно отстранување на сите нелегални градби долж брегот кои претставуваат опасност за регионот. Ова на денешната прес- конференција го рече охридскиот градоначалник, Константин Георгиевски, кој посочи дека за прв пат е донесен сеопфатен план за заштита на природното и културното наследство, кој требало да биде донесен уште во 2009-та година...

Пред точно една година во Баку презедовме обврска да го сочуваме статусот на Охрид и езерото на Списокот на УНЕСКО. Затоа воопшто не се согласувам со мислењата кои се изнесуваат во јавноста дека активностите кои се преземаат за справување со нелегалните градби се во насока на уништување на туризмот. Напротив инвестираме во иднината, рече на денешната прес конференција охридскиот градоначалник, Константин Георгиевски, кој посочи дека се работи за универзално богатство кое е запишано помеѓу 39 места во светот заштитени од УНЕСКО.
„Во текот на изминатата година во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО се работеше на сите нивоа на одлучување, на спроведување на мерки, носење решенија кои се консултирани со врвни експерти. Никој да нема илузија дека нема да го стигне законот, дека со било какви притисоци ќе биде поштеден од процесот на постапување“, изјави градоначалникот Георгиевски.
Тоа се постапки кои нема повеќе да се повторуваат, а нелегалните градби кои претставуваат опасност за регионот и кои се во спротивност со режимите на заштита ќе бидат отстранети и нема да има селективност, рече Георгиевски, кој го повика и струшкиот градоначалник да се држи до законот.
Сашо Нелоски
