Ковид-19: Маската и одржувањето на дистанца се доволна мерка за заштита

09.07.2020 17:25

Уште тројца пациенти починаа од Ковид-19. Има и 168 заболени од направени 1.470 теста. Министерот Филипче смета дека сега граѓаните се поодговорни и носат маски. Го коментираше ставот на СЗО дека вирусот се пренесува и преку воздух...

И ова деноноќие троцифрен е број на заболени со коронавирусот. Регистринаи се 168 нови случаи и тројца починати. Во земјава има речиси 3.600 активни случаи, повеќе од 400 се лекуваат во болниците низ земјава. 

Сѐ уште е отворено прашањето колку време вирусот може да опстане во воздухот – вели министерот Филипче по тврдењата на Светската здравствена организација дека се пренесува и на овој начин. Маската и одржувањето на дистанца се доволна мерка за заштита. Засега нема потреба луѓето да носат заштитна опрема кога се сами на отворено, во лифт или кога возат велосипед. 

„Прашање е колку долго вирусот може да издржи во воздухот и дали се пренесува заедно со капките или само вирусот лебди. Тоа е сѐ уште голема непозната. Во секој случај маската како надополнување на мерката за одржување на дистанца, согласно сегашните сознанија коишто се потврдени сметаме дека е доволна мерка за заштита“, изјави министерот Филипче.

Филипче очекува на изборниот ден да се почитуваат протоколите за заштита, порачува да нема групирања. Смета дека сега граѓаните се поодговорни и свесни дека ова ќе биде новиот начин на функционирање.

Андријана Атанасовска