Охрид

Архимандритот Партениј хиротонисан за Епископ Антаниски

12.07.2020 16:01

Архимандритот Партениј хиротонисан за нов епископ на Македонската парвославна црква – Охридска архиепископија. Поглаварот, г.г. Стефан со порака - ближи денот кога и последните неверни Томи ќе ја разберат и ќе ја прифатат сета наша македонска вистина...

Игуменот на Бигорскиот манастир, Архимандритот Партениј, денеска хиротонисан за епископ Антаниски. Во катедралната Света Софија во присуство на црковниот врв на МПЦ Охридска Архиепископија и голем број државници, од рано утринава започна празничната Божествена литургија. Владиката Партениј во својата емотивна беседа рече- неговиот живот и мисија ќе продолжат во манастирот, кој од денеска станува епископско седиште.

„Монашкиот живот за мене останува врховен животен призир. Сѐ добриот Бог ме удостоил со едно прекрасно христоподобно монашко семејство, со моите браќа, сестри, монаси и монахињи, кои всушност се мојот живот, мојата сила, најкратко кажано тие се моето сѐ“, изјави Владиката г. Партениј.

„Продолжи да градиш и да надградуваш дела со трајни вредности, дела за слава на Бога и дела спасоносни за нашиот народ“, порача г.г. Стефан.

Верниците со голема радост велат- новиот Владика е повеќе од достоен, бидејќи тој е познат по градењето на мостови на љубовта, милосрдие, доботворност и хуманост.

Токму на големиот празник Петровден посветен на Светите Апостоли Петар и Павле, меѓу кои Петар се смета за првиот епископ на Христовата црква, МПЦ симболично добива уште еден епископ, Владиката Партениј.

Заради почитување на здравствените препораки глемиот број верници со заштитни маски настанот го следеа на отворено, на три видео бимови преку преносот на МТВ.

 

Соња Рилковска