Поволни временски услови за земјоделците
Оптимални услови за земјоделското производство, прогнозираат метеоролозите. Дождот е добредојден иако ја забави жетвата на пченицата. До крајот на неделава временските услови ќе бидат во корист на сите земјоделски култури, особено на овошките и на виновата лоза.

Променливото време со нестабилност попладне минатата недела донесе обилни врнежи во Битолскиот дел од Пелагонија кои помогнаа за развој на пролетните култури на кои им се закануваше проблем со сувата почва.
Ваквите временски услови ја прекинаа жетвата но само за кратко, а дождовите донесоа поголема корист од доцнењето на собирањето на житата од нивите.
Стабилизацијата на времето во втората половина од минатата недела на поголем дел од земјоделците им овозможи непречени жетвени работи, додека температурите на воздухот беа карактеристични за овој период од годината.
И неделава се очекуваат временски услови со поумерени температури на воздухот кои нема да го надминат 34-тиот степен и ќе бидат оптимални за изведување на работите на отворено.
Ваквото време ќе бидат поволно и за развој на овошките и на виновата лоза а прогнозите се дека во наредниот период тоа ќе биде добредојдено за целото земјоделско производство.
Методија Трајков
