Деркоски: Гласањето се одвива мирно и без никакви проблеми
Гласањето на болните и изнемоштени како и лицата во казнено- поправените установи се одвива непречено и без никакви проблеми, изјави претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски. Според податоците на ДИК, правото на глас го остваруваат 8.843 болни и немоќни. Се гласа во 13 казнено- поправни установи и во 17 старски домови. Вчера гласале 723 лица позитивни на Ковид- 19 или во самоизолација...

Во 13 казнено-поправни установи со право на глас се 1.657 лица, 357 во 17 старски домови и 6 раселени лица во единствениот центар за сместување. Гласањето во домовите на болните и немоќните лица со посебни мерки за заштита го спроведуваат избирачките одбори. За гласање се пријавиле 8.843 болни и немоќни лица, како и лица кои се во куќен притвор. Гласањето во 17 домови за стари лица се одвива одлично и без никакви проблеми, информираше претседателот на ДИК Оливер Дерскоски при посетата на гласачкото место во Домот за стари лица во Катланово. Вели дека досега нема пријави за инциденти и приговори за прекршување на изборниот молк, освен две пријави за повреда на личното избирачко право. Според Деркоски очигледно е дека расте граѓанската свест за да се излезе на избори и да се исполни граѓанската должност.
Вчера гласале 723 лица позитивни на Ковид- 19 или што се во самоизолација. Портпаролот на ДИК, Адмир Шабани ја објасни постапката за броење на овие гласачки ливчиња кои заедно со другите треба да бидат ставени во гласачките кутии и да бидат внесени во формуларите за збирните резултати по завршувањето на гласањето во среда.
Утре ќе може да гласаат 1.814.263 лица, македонски државјани со наполнети 18 години. На предвремените парламентарни избори, избирачите ќе може да гласаат за една од четирите коалиции и 11 партии. За 120 пратенички места има 1.560 кадидати. Изборите ќе ги следат 2.508 домашни и 96 странски набљудувачи, а се акредитирани и 55 странски новинари. Поради кризата со пандемијата, овие избори се изведуваат под посебни безбедносни протоколи и ќе траат два часа подолго, односно ќе се гласа од 7 до 21 часот.
Игор Панов
