Изборите ги следат 2.551 домашни и 102 странски набљудувачи
ОБСЕ/ОДИХР изборите ги следи со специјална мисија. За првпат, поради корона кризата, мисијата работи од канцеларијата во Скопје, без тимови на терен.

Предвремените парламентарни избори ги следат 2.653 набљудувачи од кои 2.551 се домашни и 102 странски кои добија акредитации од Државната изборна комисија.
Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права- ОДИХР го набљудува изборниот процес со специјална мисија за проценка на изборите со 11 аналитичари. За првпат, поради пандемијата, ОДИХР ги набљудува изборите од канцеларијата во Скопје, без тимови на терен.
Во мониторинг мисија се вклучија и странските амбасади во земјава. Најголем број на набљудувачи- 16 има Амбасадата на САД, Амбасадата на Унгарија – 8, на Обединетото кралство- 7, Амбасадата на Франција – 6, Амбасадите на Германија и Италија по 5, на Албанија – 4, на Хрватска 3, амбасадите на Австрија, Чешка, Швајцарија, Бугарија, Црна Гора и Косово по 2-ца, на Шведска, Холандија, Канада и БиХ по еден набљудувач.
Делегацијата на ЕУ има 13 набљудувачи, Меѓународната фондација за изборни системи-ИФЕС- четири, четири набљудувачи ќе има и Меѓународното здружение за човекови права од Куманово.
Од домашните најбројни се на НВО МОСТ со 1.254 набљудувачи, Аксиос 2017 – 830, Цивил – Центар за слобода – 314, Инклузив Куманово – 86, Национален ромски центар Куманово – 38 , Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид – 15, Заедно можеме – Гостивар – 10 и Македонски центар за култура и развој – 4.
Изборите ги следат и 57 странски новинари. Од ОДИХР најавија дека првичната оценка за изборите ќе ја соопштат на прес- конференција утре попладне. По осум недели од првичниот, ОДИХР ќе го објави и финалниот извештај за предвремените парламентарни избори.
Ирина Гелевска
