Помалите партии со приговори за гласањето, се сомневаат во изборни нерегуларности

16.07.2020 16:42

Левица на овие избори е оштетена минимум 10 илјади гласа- тврди претседателот на паријата. Од Интегра бараат да се расчистат сомневањата за хакерскиот напад во ДИК. Коалицијата „Никогаш северна, само Македонија“ поднесе барање за увид во изборниот материјал...

На Левица ѝ се крадат тројца пратеници, партијата на овие избори е оштетена минимум 10 илјади гласа- тврди претседателот на паријата. Се сомнева на голем хакерски напад кој чини неколку милиони евра. Најави приговори и кривични пријави до сите членови на ДИК. Апасиев рече дека прво што ќе предложи во Парламент ќе биде нов изборен модел. Актуелниот го нарече шизофрен и дека ја фалсификувал волјата на граѓаните. Посочи дека нема да коалицира со СДСМ.

Од Интегра бараат да се расчистат сомневањата за хакерскиот напад во ДИК и да се проверат неважечките ливчиња од предвремените парламентарни избори. Според нив постојат сомнежи дека во тој дел е вршен изборен инженеринг.

Коалицијата „Никогаш северна, само Македонија“ поднесе барање за увид во изборниот материјал, како и приговор за како што велат сериозни изборни неправилности.

И од Македонски концепт поднесоа приговор до ДИК. Бараат увид во сите неважечки ливчиња. Од партијата велат- сѐ уште живееме во контролирана демократија, а тоа го потврдуваат и резултатите од вчерашното гласање.

Сунчица Николоска