ДОМА СИ Е ДОМА

117.000 граѓани ќе летуваат во земјава

17.07.2020 13:16

Вашата држава има потенцијал да се развие во одржлива туристичка дестинација но не е доволно промовирана – велат од Швајцарската амбасада. Презентирани 10 нови видеа од кампањата „Дома си е дома“. 15 милиони евра од буџетот поделени на 117 илјади граѓани во форма на ваучери со коишто може да летуваат во земјава...

117.000 граѓани добија ваучери од 6.000 денари, за да го поминат одморот во земјава. За нив, од буџетот се издвоени повеќе од 15 милиони евра. Ќе добијат и картичка за домашни производи. Никој не е ограничен колку време ќе седи онаму каде што избрал да летува. Граѓаните почнуваат да резервираат, системот функционира, а директорот на Агенција за промоција и поддршка на туризмот, очекува од 20 јули да почне туристичката сезона. На располагање се околу 450 сместувачки капацитети, кои се пријавиле на страната „Дома си е дома“.

Проектот „Дома си е дома“ е поддржан од Швајцарија. Амбасадорката вели дека имаме прекрасна земја, но не е доволно промовирана.

Претставени се 10-те промотивни видеа за поддршка на домашниот туризам. Содржат повеќе различни дестинации и активности во државава како предлог за посета од страна на домашните туристи. Ова е една од мерките, за поддршка на домашната економија како одговор на кризата предизвикана од Ковид – 19.

 

Александра Спировска