Избори

Течат роковите за поднесување приговори до ДИК

17.07.2020 14:28

Течат роковите за поднесување приговори до Државната изборна комисија за спроведување на изборниот процес и за резултатите од гласањето. 48 часа можност за нивна достава. Вечер до 21 часот истекува рокот за спроведеното гласање. Во рок од три дена ДИК ќе мора да донесе одлука...

Откако Државната изборна комисија ги соопшти официјалните неконечни резултати од предвремените парламентарни избори, тече 48-часовниот рок за приговори за спроведувањето на изборите и за сумирањето на резултатите.

Рокот за приговори за изборниот процес до 21 часот. Партиите најавуваат дека ќе приговараат на текот на гласањето и на резултатите. Извесно е дека ќе го искористат крајниот рок. На нив, Државната изборна комисија треба да одговори во рок од 72 часа.

Хакерскиот напад на сајтот на ДИК, претседателот Деркоски вели дека не се одразил врз првичните резултати, туку имало мало одложување на оперативната активност. Според објавените резултати, Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ освои 46 пратенички места, два мандата повеќе од „Обнова на Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 44 места.

Овие партии ќе имаат помалку мандати од досега, додека ДУИ со 15 освоени и Коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива со 12, ќе ја зголемат нивната застапеност во законодавниот дом. Со двајца пратеници, првпат во Собранието влегува Левица.

20 дена по одржаните избори, новите пратеници треба да седнат во собраниските клупи. Потоа Претседателот на државава во рок од 10 дена треба да го довери мандатот за состав на владата на партијата, односно партиите што ќе обезбедат мнозинство во парламентот. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на извршната власт.

 

Милчо Велески