Антикорупционерите разгледуваа пријави за нарушувања на изборниот процес

17.07.2020 14:40

Антикорупциската комисија разгледуваше пријави за нарушувања на изборниот процес поднесени од вработени во јавната администрација, против кои почнале дисциплински постапки по распишувањето на изборите. Антикорупционерите апелираа вработените и раководителите во администрацијата да не ја злоупотребуваат комисијата. Комисијата против корупција ја стопираше постапката за избор на ректор за време на изборите поради неможност да достави барање за објаснување од Ректоратот.

До Антикорупциската комисија пристигнале приговори за нарушување на изборите од страна на вработени во јавната администрација. Вработен во МНР се пожалил дека министерството почнало дисциплинската постапка против него по распишување на изборите. По укажувањето, Министерството ја стопирало постапката.

Кандидат на пратеничка листа поднел пријава за стопирањето на неговиот работен однос за време на изборите. Комисијата ја отфрли пријавата, со објаснување дека иако процесот на мирување на вработувањето се одолжил, Комисијата не е надлежна да решава, туку други институции. Укажа дека вакви недефинирани ситуациии треба да ги разреши новиот состав на парламентот.

До Антикорупциска стигнала пријава и од вработена во општина против која била поведена дисциплинска постапка, но без можност за добивање на отказ, па антикорупционерите апелираа до вработените во јавната администрација да не ја злоупотребуваат комисијата.

Комисијата повела постапка и за изборот на ректор на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ за време на изборниот процес и истата е стопирана.

Ирина Гелевска