Избори

Поднесување приговори до ДИК

17.07.2020 17:04

До Државната изборна комисија пристигнаа приговори за спроведувањето на гласањето и за сумирањето на резултатите. Социјалдемократите уверуваат – мандатот е кај Заев, по Илинден процес на дефинирање на коалицијата. ВМРО-ДПМНЕ обвини за фалсификат...

Откако Државната изборна комисија ги соопшти официјалните неконечни резултати од предвремените парламентарни избори, тече 48-часовниот рок за приговори за спроведувањето на изборите и за сумирањето на резултатите. Рокот за приговори за изборниот процес до 21 часот. Партиите најавуваат дека ќе приговараат на текот на гласањето и на резултатите. Извесно е дека ќе го искористат крајниот рок. На нив, Државната изборна комисија треба да одговори во рок од 72 часа.

Хакерскиот напад на сајтот на ДИК, претседателот Деркоски вели дека не се одразил врз првичните резултати, туку имало мало одложување на оперативната активност. Мандатот за составување на следната уште поодговорна и уште поотчетна Влада е кај Зоран Заев, следниот премиер, велат Социјалдемократите.

Партијата остава простор во деновите до и околу Илинден граѓаните да здивнат од политичките активности на партиите. После Илинден, согласно законските рокови, влегуваме во процес на дефинирање на владината коалиција водена од СДСМ, стои во дописот.

Со целиот изборен фалсификат, енормниот поткуп од владејачката партија и заплашувањата од СДСМ на чело со премиерот на државата и сите репресивни органи и институции на власта, сепак успеавме да ги победиме во 41 општина, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата од ДИК ќе побара рачно пребројување на гласовите, бидејќи резултатот не ја одсликувал реалноста.

И од партијата „Демократи“ незадоволни од изборниот резултат. Поднесоа приговори за сите избирачки места. Според објавените резултати, Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ освои 46 пратенички места, два мандата повеќе од „Обнова на Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 44 места.

Овие партии ќе имаат помалку мандати од досега, додека ДУИ со 15 освоени и Коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива со 12, ќе ја зголемат нивната застапеност во законодавниот дом. Со двајца пратеници, првпат во Собранието влегува Левица. 20 дена по одржаните избори, новите пратеници треба да седнат во собраниските клупи.

Потоа Претседателот на државава во рок од 10 дена треба да го довери мандатот за состав на владата на партијата, односно партиите што ќе обезбедат мнозинство во парламентот. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на извршната власт.

Милчо Велески