Избори

Тече рокот за поднесување приговори до ДИК

18.07.2020 13:10

До 21 часот вчера до Државната изборна комисија пристигнале 82 приговори за спроведувањето на гласањето и за сумирањето на резултатите. Левица претпладнево испратила 425 приговори во електронска форма, кои во тек на денот ќе бидат диставени и во писмена форма...

До 19 часот и 30 минути вечерва партиите и коалициите можат да поднесуваат приговори за сумирање и утврдувањето на резултатите од предвремените парламентарни избори.

До синоќа во 21 часот во Државната изборна комисија (ДИК) се пристигнати 82 приговори и едно барање за увид во неважечките ливчиња од гласањето. Најголем број од приговорите, 74, се од Алијанса за Албанците, а има и два од ВМРО-ДПМНЕ кои се однесуваат на сумирањето на резултатите од гласањето.

Претпладнево до ДИК партијата Левица поднесе 425 приговори во електронска форма, а до истекот на рокот ќе ги поднесат и во хартиена форма.

Роковите за поднесување приговори почнаа да течат откако ДИК ги објави неофицијалните конечни резултати од изборите.

Според портпаролот на ДИК, Адмир Шабани, по завршувањето на роковите, утре или в понеделник, претседателот на ДИК Оливер Дерковски ќе закаже седница на Комисијата на која ќе се одлучува по приговорите.

На 15-ти јули се одржаа предвремени парламентарни избори кои за прв пат траеја три дена заради пандемијата, а се гласаше според посебни протоколи утврдени од Комисијата за заразни болести.

Тања Сарандеска