Американски експерти со сценарија за земјава

Ако продолжи олеснувањето на мерките, до ноември 1.800 жртви од Ковид-19 во земјава

18.07.2020 16:53

Универзитетот „Вашингтон“ во Сиетл направи проекција за можни сценарија во земјава. Во анализата на американските научници стои дека е можно до ноември да има 1.800 жртви во Македонија, доколку продолжи олеснувањето на мерките...

До ноември во Македонија ќе починат 1.800 луѓе од коронавирус доколку продолжи олеснувањето на мерките- ова е едно од трите сценарија кое го подготвија експерите од Институтот за здравствени мерења и проценки од Универзитетот „Вашингтон“ во Сиетл.

Според најповолното сценарио, ако 95 насто од граѓаните носат маски на јавни места, бројот на починати до 1 ноември би изнесувал 752-ца. Според проекцијата за најлошото сценарио, бројот на починати би пораснал до 32-ца дневно до 1 ноември, додека во најповолното сценарио, таа бројка е тројца дневно. Проекциите на Институтот за здравствени мерења и проценки, се врз основа на бројките до 11 јули, кога имаше 380 починати во Македонија.

Здравствените власти се подготвуваат за есенскиот бран на коронавирусот. Започна поставувањето на монтажната амбуланта на Клиниката за пулмологија. Во новиот објект ќе има кабинет за спирометрија, ќе се прават анализи на крвта, алерголошки тестирања, ЕКГ. Предвиден е простор и за дневна болница.

Монтажната амбуланта на Клиниката за пулмологија и алергологија предвидено е да биде подготвена за прием на пациенти кон средината на август. Здравствените власти, велат дека ќе ги исполнува најсовремените стандарди за работа. Пациентите со хронични белодробни заболувања се една од најризичните групи, а коронавирусот може да претставува сериозна закана за нивното здравје.

 

Андријана Атанасовска