Низа поволности за домашните производители на ракија

20.07.2020 10:37

Со ланските измени на законот за акцизи се овозможуваат низа поволности за домашните производителите на ракија кои сакаат да ја продаваат на пазар. Од 1-ви јануари годинава тие се ослободени од плаќање акциза доколку произведуваат до 2.500 литри годишно...

Со почетокот на примената на измените на Законот за акцизи и со новините кои стапија на сила од 1-ви јануари 2020 година се овозможуваат поволности за домашните производители на ракија.

Оние што ги исполнуваат условите, и освен за домашна потреба, што ќе сакаат професионално да се зафатат со овој бизнис и да работат комерцијално, максимално дозволеното количество на годишно производство ќе биде 2.500 литри жесток алкохолен пијалак со просечна јачина од 45 проценти.

Производителите на ракија првата година од примена на законот, ќе бидат целосно ослободени од плаќање на акциза.

Втората година, односно 2021, акцизата ќе биде 10 денари, третата 20 и во 2023 година 30 денари за литар.

 Со новото законско решение, целта е да им се овозможи на малите производители легално да ја произведуваат и продаваат својата ракија и да развијат сопствен бренд од традиционалналниот домашен начин на производството.

Истовремено, со законските измени, намерата е да се создадат и услови со кои би се помогнал и поттикнал развојот на руралниот и на винскиот туризам во земјава, и да се влијае на намалување на сивата економија.

 

Методија Трајков