Коронавирусот ескалира во Штип, Свети Николе и Радовиш

20.07.2020 10:56

По рекордните 60 новодијагностицирани штипјани, вчера нови 13-тмина новозаболени. 80 позитивни во две текстилни компании во Свети Николе. Коронавирусот се шири и во Радовиш. Болниците на истокот се подготвуваат за прием на нови пациенти. Надлежните најавуваат ригорозни мерки за оние кои не се придржуваат кон здравствените протоколи за заштита од Ковид-19.

Штип беше на врвот на црната листа со најголем број заразени со Ковид- 19 на 100 илјади жители и пред вчерашниот уште еден црн рекорд на 60 позитивни за еден ден. Ова е бран кој е резултат на скринингот во пет текстилни фабрики, смета штипскиот градоначалник и вели дека дел од решението е стопирање работата во сите текстилни фабрики каде ќе се потврди присуство на корона вирусот, но најважно е граѓаните, институциите, а посебно превозниците на работници целосно да ги почитуваат пропишаните превентивни мерки, во спротивно се соочуваат со ригорозни казни.

Со 50 хоспитализирани, капацитетот на Клиничката болница во Штип за болни од Ковид- 19 е скоро целосно исполнет, состојбата се менаџира со испраќање на потешките случаи во ковид клиниките во Скопје и со пуштање на домашно лекување на пациентите со полесна клиничка слика.

Коронавирусот навлезе и во Домот за стари лица во Радовиш. По извршениот скрининг, вирусот е потврден кај двајца од вработените и четворица од станарите во Домот, дел од нив се на лекување во болниците во Штип и Скопје. Од петокот заради појава на заразени не работи локалната администрација на Општина Радовиш.

 

Славица Величковска