Лоша година за пчеларите, се борат да ги спасат пчелите

20.07.2020 11:00

Кумановските пчелари годинава не можат да се пофалат со производство на мед. Во споредба со минатите години велат оваа е најсиромашна, поради климатските промени. Тие се борат да ги спасат пчелните семејства. Лошата состојба барем засега не се одрази на цената на мед во Куманово.

Оваа година веќе не ни е цел да произведеме мед, туку да ги спасиме пчелите, разочарано раскажуваат кумановските пчелари. Велат не паметат ваква лоша година за пчеларството. Климатските промени силно влијаеле врз оваа гранка.  Уништени се и голем број пчелни семејства.

„Оваа година пандемијата не не погоди, но климатските промени директно не погодија, катастрофално делуваше.  На вакво време сигурно не можат да собираат пчели. Ми остана сува центрифуга, ниту капка мед, сега се бориме оваа година борба за да опстанат пчелите, со прихрана, залихи од стар мед за да можат да опстанат, воопшто веќе не ни е цел да изведиме мед“- вели претседателот на Здружението Пчела од Куманово, Горан Митевски.

И пчеларот Зоран Ристовски, кој веќе осум години се занимава со оваа дејност, се согласува дека во споредба со минатите години, оваа е најсиромашна во однос на призводството.

„За да имаме една клима каде што пчелите ќе можат да соберат повеќе нектар ни треба одредена температура, да нема ветер, оваа година беше спротивно од тоа. Кога одредени билки ќе медеа тогаш или ќе врнеше дожд, ќе дуваше ветер или температурата ќе беше под очекуваните степени така што оваа скроз е промашена и што немаме моментално за собирање мед оваа година е исклучиво заради временските услови“- вели тој.

Лошата состојба барем засега не се одрази на цената на мед во Куманово која се движи од 400 до 500 денари. Недостаток на мед годинава нема да има, бидејќи пчеларите имаат доволно залихи од претходната година за да ги задоволат потребите на потрошувачите од регионот.

Елена Георгиевска