Рекордна продажба на велосипеди

20.07.2020 11:11

Велосипеди се продаваат како алва. На трговците во бизнисот им помогнаа и субвенциите, но се жалат дека не можат да постигнат со нарачки за да ги опслужат сите. Рекреативци и малку поискусни на патеките. Сите апелираат дека е потребна подобра инфраструктура за возење.

Рекордна продажба на велосипеди годинава. Трговците велат дека не можат да стигнат да ги опслужат сите што сакаат да возат. Ова не е тренд само во Македонија, велат, ова е на глобално ниво. Коронавирусот го пренамени домашниот буџет. Се повеќе рекреативци на патеките, за поискусните интересни се планинските авантури. Велосипед има за сечиј есап.

Скопјани се докажани љубители на велосипедизмот. Пандемијата само го потврди фактот дека ова е најбезбедното и најевтиното средство за транспорт, велат од невладината „Одржливи иницијативи“. Сепак, повторуваат дека на метрополата и недостасува подобра инфраструктура.

За овој аеробен спорт нема возрасни ограничувања. Возат и млади и повозрасни. Сепак, и на сите учесници во сообраќајот им недостасува сообраќајна култура.

Во Македонија субвенционирањето на граѓаните за набавка на велосипеди е една од мерките на повеќе општини. 

Во буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена предвидени се 10 милиони денари, од кои 8,5 ќе бидат наменети за велосипеди, а 1,5 милиони денари за електрични тротинети.

 

Александра Спировска